Претставен законот за легализација на дивоградби

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и министерот за животна средина Насер Нуредини денеска на прес-конференција го презентираа Предлог-законот за регулирање на статусот на бесправно изградени објекти, кој предвидува можност за легализација на дивоградби изградени пред 1 јануари 2021 година.

Нуредини рече дека со предлог-законот Владата предвидува дека нема да бидат легализирани сите видови на дивоградби изградени во рамки на заштитените подрачја.

„Истото е предвидено за сите видови бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион, кои се утврдени дека не се во согласност со Планот за управување со светското природно и културно наследство во регионот на Охрид. Ова подрачје има непроценлива природна, културна и универзална вредност и во него ќе може да се спроведе легализација само на објектите што се во Планот за управување“, рече Нуредини.

Ова значи, рече Нуредини, дека ќе се дозволи легализација само на оние објекти што се со намена А1, односно куќи за домување во зоната за одржливо користење и заштитниот појас на подрачјето.

„На овој начин ќе излеземе во пресрет на граѓаните кои не можеле да ги регулираат своите нерешени имотно правни односи“, вели тој.

Бочварски рече дека се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација. За објект со површина до 80 метри квадратни се зголемува надоместот за 50 проценти, а за објект над 80 квадрати зголемување за 100 проценти. Тој рече дека како доказ во барањето за легализирање на бесправен објект ќе се земат предвид само сметките за јавни услуги, а од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓаните кои имаат нето приход до 180 илјади денари годишно.

Бочварски рече дека ова е нов закон различен од претходниот за кој јавноста реагирала и дека при неговото креирање биле заемени предвид речиси сите предлози на граѓанските здруженија, коморите, асоцијациите и сите засегнати страни.

„Исто така законот го услогласивме и со другите државни институции и сметаме дека креиревме квалитетно законско решение со кое ќе се обидеме да ставиме крај на изградбата на бесправни градби и узурпацијата на просторот. Од друга страна со законот нудиме и фер услови за сите оние граѓани кои претходно немале можност да ги легализираат своите домови“, изјави Бочварски.

Со законот, како што рече министерот, се очекува да се заокружи процесот на легализација на бесправни објекти во државата.

Инаку, претходно кога беше на почетокот на 2021 година беше објавен законот, активистите за заштита на животната средина ваквите законски решенија ги оценија како „многу загрижувачки“ и прашаа дали Владата како предлагач на законите „свесно го поткопува владеењето на правото?“

Според нив, озаконување на бесправно изградени објекти во својата основа има противуставност, бидејќи легализира кривично дело „бесправно градење“ според Кривичниот законик.