Грција ќе воведе рестриктивни ковид мерки по празниците

Грчката влада по празниците ќе воведе рестриктивни мерки, рече министерот за здравство на Грција Танос Плеврис, говорејќи во грчкиот Парламент. Надлежната комисија на епидемиолози ќе препорача нови мерки, а Владата ќе донесе одлуки, но сигурно е дека „ќе постојат рестриктивни мерки по празниците, за да можеме да ја следиме и контролираме пандемијата“, вели грчкиот министер, јави дописничката на МИА од Атина.

Веројатноста за дополнителни мерки на почетокот на 2022 година, ја остави отворена и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на вчерашната владина седница кога рече дека нивниот план е во две фази: првата масовно тестирање пред празниците, а втората можност за дополнителни мерки по Нова година.

Објасни дека втората фаза се однесува на периодот по празниците, односно на првите седмици од 2022 година и во зависност од текот на пандемијата, на располагање се низа опции, а како пример ги спомена работа од дома, работното време на угостителските објекти и ноќните клубови, но не и затворање на училиштата и паралелно истакна дека сè ќе зависи од тогашните податоци и сè уште не е донесена никаква одлука.