Дачиќ: Иницијативата „Отворен Балкан“ е во интерес на граѓаните

Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ

Претседателот на Собранието на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека иницијативата „Отворен Балкан“ претставува примена на европските вредности, а тоа е слободата на движење на луѓе, труд, стоки и капитал, нагласувајќи дека тоа е во интерес на граѓаните. Според него, на иницијативата не треба да се гледа како на замена за Европската Унија, односно, како што некои кажале, „втората лига“ на Европската унија.

„Мислам дека таа не треба да се гледа така, очигледно ќе ни треба многу време за да стигнеме до ЕУ. Овде се работи за тоа дали ќе се однесуваме како да не ни треба блискост или отвореност на Балканот или ќе преземеме некои мерки и да ги усвоиме тие европски критериуми и вредности, без разлика дали сме формално членки на ЕУ или не“, изјави Дачиќ.

Претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж изјави дека очекува Србија, Албанија и Северна Македонија да добијат заеднички пазар на труд во текот на следната година.

„Очекуваме да добиеме заеднички пазар на труд, граници за преминување што работат 24 часа, усогласени сертификати, фитосанитарни потврди, да немаме проблем што го чинат стопанството многу пари“, истакна Чадеж.

Чадеж оцени дека средбата на лидерите на трите земји во Тирана ја покажува и нивната искрена желба за создавање заеднички пазар и претставува покана за приклучување до соседите. Според него, регионалните економии кои не се дел од иницијативата, психолошки се всушност дел од неа.

Денеска и утре во Тирана ќе се одржи средба на иницијативата Отворен Балкан, на која е најавено учество на македонскиот премиер Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама. На оваа средба, меѓу другото, се очекува да биде потпишан Меморандум за работни визи меѓу трите земји.