ТИРЗ- извозот поголем за 17,5 отсто од лани, увозот за 37 отсто

Фабрика во технолошко индустриската зона во Струмица

Од почетокот на 2021 до крајот на ноември компаниите активни во Технолошко индустриските развојни зони достигнале извоз од 2 милијарди и 734 милиони евра што, како што информираат од ТИРЗ е највисоко досега споредено со истиот период во изминативе четири години.

Според анализата, вкупниот извоз во првите единаесет месеци е за 17,5 отсто повисок споредено со истиот период лани, односно 7,5 проценти повисок споредено со периодот јануари-ноември од 2019 година и за речиси 23 отсто повисок во однос на 2018 година. Само во ноември компаниите активни во зоните оствариле извоз од 251 милиони евра, што е на исто ниво со ноември 2020 година, а за 2 проценти повеќе од истиот месец во 2019, односно 13 отсто повеќе споредено со ноември 2018.

Регистриран е и раст на увозот во анализираниот период споредено со истиот период во последните четири години. Увозот од јануари до ноември е 2 милијарди и 653 милиони евра што е за 37 отсто повеќе во однос на истиот период минатата година, додека споредено со 2019 растот е 13 проценти, односно 39 отсто раст има во однос на 2018 година. Увозот само за месец ноември е 211 милиони евра. Споредено само со месец ноември 2020 и 2019 година има пад од 5 проценти, а во однос на ноември 2018 година падот е 13 отсто.

Во ноември е регистрирано и највисоко ниво на нето извозот од почетокот на годинава – над 19 проценти, што, според ТИРЗ, е показател на опоравување на компаниите и враќање на нивото пред пандемијата. Бројот на вработени е стабилен и останува во рамки на годишниот просек.

Од ТИРЗ наведуваат дека се очекува ваквиот тренд да продолжи и во последниот месец од годинава со што би се достигнала границата од 3 милијарди евра извоз, што ќе се смета за рекордно ниво досега.