Милановиќ ја откажа посетата на БиХ поради безбедносни причини

Претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ

За денеска најавената посета на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на Босна и Херцеговина и присуството на настанот по повод 28-годишнината од хуманитарниот конвој „Белиот пат кон Нова Била и Босна Сребрена“ се откажува од безбедносни причини, соопшти Кабинетот на претседателот на Хрватска.

„Одлуката за откажување на посетата се заснова на безбедносната проценка на надлежните институции на Република Хрватска. Претседателот Милановиќ изразува жалење што нема да учествува на одбележувањето на овој значаен настан за Хрватите од Лашванска долина и изразува силна поддршка и благодарност до организаторите за зачувување на споменот на хуманитарниот конвој“, се наведува во соопштението од Кабинетот на хрватскиот претседател .

Милановиќ денеска требаше да ги посети Нова Била и Травник кои се наоѓаат во централниот дел на БиХ за да ја одбележи годишнината од хуманитарниот конвој. Конвојот наречен „Белиот пат кон Нова Била и Босна Сребрена“ тргнал од Загреб за централна Босна на 10 декември 1993 година. Во 99 камиони биле доставени храна и лекови до болницата во Нова Била за време на тогашниот вооружен конфликт.

Инаку, ова требаше да биде втора посета на Милановиќ на БиХ откако ја презеде функцијата хрватски претседател во 2020 година.