Про и контра

МАКЕДОНИЈА - Премиерот Зоран Заев изрази изненадување од ставот, кој претседателот на државата Стево Пендаровски вчера го изнесе во Приштина во врска со иницијативата Отворен Балкан. Пендаровски вчера во Косово рече дека иницијативата од почетокот е фалична бидејќи во неа не се сите 6 држави од Западен Балкан и дека без учество на сите нема да успее. На тоа Заев денеска реагираше дека му е неразбирливо зошто некој би бил против пријателство со соседите. Од кабинетот на Пендаровски вратија дека уште на првата лидерска средба за таа иницијатива било усогласено дека ако иницијативата Отворен Балкан има карактер на алтернатива на ЕУ - таа не е прифатлива.

МАКЕДОНИЈА - Собранието вечерва по петдневна расправа со 63 гласа ЗА, 36 ПРОТИВ и ниту еден воздржан го донесе Буџетот за следната година.

БУГАРИЈА - Бугарскиот претседател Румен Радев изјави дека ќе го свика Советодавниот совет за национална безбедност со цел да се разговара за односот на Бугарија кон Македонија и да бара консензус со сите политички партии во новиот бугарски парламент. Како што јави дописникот на МИА од Софија, Радев додаде дека за ова прашање е разговарано и со новиот премиер на Бугарија Кирил Петков.

СРБИЈА - Градското Собрание во Лозница денеска донесе одлука да го укине Просторниот план за градот, според кој се предвидуваше компанијата Рио Тинто да гради рудник за литиум. Неколку недели претходно ширум Србија се одржуваа масовни против отворањето на рудникот, како и против предлог-законот за експропријација на земјиште.

САД / БЕЛОРУСИЈА - Безусловно ослободување на сите политички затвореници во Белорусија останува главна цел на Соединетите Американски Држави, изјави специјалната претставничка на САД за Белорусија Џули Фишер во интервју за РСЕ.

БИХ - Осум лица се уапсени во Босна и Херцеговина за воени злосторства. Уапсените, поранешни припадници на армијата на босанските Срби, се осомничени дека во 1992 година убиле околу 100 Бошњаци на подрачјето на Невесиње на југот на БиХ, соопшти денеска босанското обвинителство.

ЕУ / РУСИЈА - Лидерите на земјите членки на ЕУ на денешниот состанок во Брисел се очекува да ја предупредат Москва дека непријателската акција против Украина ќе предизвика санкции без преседан. Во последните недели порасна загриженоста кај западните сили дека руското воено засилување во близина на украинската граница би можело да биде вовед во можна инвазија, но руските власти тоа го негираат.

ДАНКСА / КОСОВО - Данска ќе изнајми затворски ќелии во Косово за да испрати 300 затвореници, објави данската влада, презентирајќи го новиот план за запирање на пренатрупаноста на затворите. Со проектот е планирано на Косово да бидат изнајмени 300 затворски места. Од 2015 година, бројот на затвореници во Данска се зголеми за 19 проценти, на повеќе од 4.000 луѓе на почетокот на 2021 година, што претставува стапка на зафатеност над 100 проценти.

ГЕРМАНИЈА - Германскиот канцелар Олаф Шолц најави дека плановите на новата влада ќе вклучуваат зголемување на минималната плата и поинклузивно општество, како што е самоидентификација на трансродовите лица и либерализацијата на законите за државјанство. Тој додаде дека неговата влада има за цел да им олесни на странците да доаѓаат да работат во Германија.