Следната недела состанок во Тирана за Отворен Балкан

Александар Вучиќ, Зоран Заев и Еди Рама на Економски форум за регионална соработка, Скопје 29 јули 2021

Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе престојува во Тирана на 20 и 21 декември на состанок на регионалната иницијатива Отворен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград. На средбата, чиј домаќин е премиерот на Албанија, Еди Рама, ќе присуствува и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, јавија српските медиуми.

Претходниот состанок во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“ се одржа на почетокот на ноември во Белград. Но на тој состанок не присуствуваше премиерот Зоран Заев, а како претставник на Македонија беше вицепремиерот за евроинтеграции Никола Димитров.

Претседателот Вучиќ тогаш најави дека следната средба ќе се одржи во Тирана во втората половина на декември, каде, како што очекува, треба да се потпише Меморандум за разбирање за работните дозволи.

Тој договор би значел дека работната дозвола издадена во која било од овие три земји ќе важи за сите членки на иницијативата, Србија, Северна Македонија и Албанија. Иницијативата за регионална соработка „Отворен Балкан“ ги опфаќа Србија, Македонија и Албанија. Името и е од јули годинава, а претходно беше иницијатива Мини Шенген.