Борел - Санкциите од САД се важен чекор против корупцијата на Западен Балкан

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел

Високиот претставник на Европската унија за заедничка надворешна политика и безбедност Жозеп Борел ја оцени како „важен чекор против организираниот криминал на Западниот Балкан“ одлуката на САД да стави на листата на санкции повеќе лица од северот на Косово, меѓу кои и водечките личности од Српската листа.

„Разбивањето на транснационалните криминални мрежи придонесува кон безбедноста, стабилноста и унапредувањето на владеењето на правото во целиот регион. ЕУ е во целост ангажирана на остварувањето на оваа заедничка цел“, објави Борел на Твитер.

Инаку, американското Министерство за финансии ги стави на листата на санкции потпретседателот на Српската листа, водечката српска партија на Косово, Милан Радоичиќ, бизнисменот од северно Косово Звонко Веселиновиќ, неговиот брат Жарко и уште десет лица поврзани со нив.

Одлуката е донесена врз основа на извршната уредба на претседателот на САД Џо Бајден според законот Магницки за одговорност поради прекршување на човековите права. Законот се однесува и на санкции за одговорните за корупција и сериозни прекршувања на човековите права.

Звонко и Жарко Веселиновиќ, Милан Радоичиќ, Жељко Бојиќ и Марко Росиќ се означени дека им припаѓаат на коруптивни мрежи поврзани со меѓународниот организиран криминал, се наведува во соопштението објавено на сајтот на Министерството за финансии на САД.

Косовските лидери ја поздравија одлуката.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, вчера рече дека ако против овие лица има сериозни обвинувањата, државните органи ќе го испитаат тоа.

Српската листа, чиј потпретседател е Радоичиќ, со поддршка на Белград, на локалните избори во Косово во 2017 година, ја освои власта во сите српски општини.