Британија се придружи на дипломатскиот бојкот на Олимпијадата во Пекинг

Британскиот премиер Борис Џонсон

Британскиот премиер Борис Џонсон денеска објави дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг во 2022 година, поради кршењето на човековите права во Кина. Портпаролот на германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер соопшти дека ни тој нема да присуствува на Олимпијада, но не кажа дали тоа е поради дипломатскиот бојкот.

Џонсон рече дека ниеден министер од неговата влада нема да присуствува на Игрите.

„Навистина ќе има дипломатски бојкот на Зимските олимписки игри во Пекинг“, рече Џонсон и додаде дека „бојкот на спортот“ не е политика на неговата влада.

Претходно, дипломатски бојкот на Олимпијадата најавија САД, а потоа и Австралија, поради загриженост за кршењето на човековите права во Кина.

Стејт департментот соопшти дека околу 2 милиони Ујгури и други малцинства се затворени во логори во регионот Синџијанг. Прогонетите велат дека централната влада во Пекинг практикува верска репресија, тортура и присилна стерилизација во логорите.

Зимските олимписки игри ќе се одржат од 4 до 20 февруари 2022 година во Пекинг.