Почна средбата на Бајден и Путин

Средбата на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин се одвива преку видео врска

Американскиот претседател Џо Бајден и неговиот руски колега Владимир Путин ја почнаа видео средбата која доаѓа во период на зголемени тензии меѓу двете страни поради трупањето на руски војници на украинската граница, иднината на НАТО во регионот и безбедносните барања на Русија.

Денешната средба е трет директен разговор на двајцата лидери откако Бајден стана претседател во јануари. Очекување се дека овој разговор може да биде и најважен поради тоа што Вашингтон сака да ја одврати Русија од можна инвазија на Украина, а Кремљ, пак, бара гаранции дека поранешната советска република никогаш нема да стане членка на НАТО.

Руските новински агенции јавија дека состанокот, кој се одржува преку видео врска почнал, но не дадоа дополнители детали. Почетокот на состанокот го потврди и официјален Вашингтон.

Бајден, како што изјави вчера висок претставник на американската администрација на средбата ќе го предупреди Путин на тешки економски последици доколку Русија изврши инвазијата врз Украина.

Кремљ, пак, пред состанокот ја опиша состојбата на односите меѓу САД и Русија како „прилично жална“, наведувајќи дека не очекува напредок на состанокот на двајцата лидери. „Тешко е да се очекува пробив во преговорите“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека е малку веројатно дека ќе се направи нешто за билатералните односи за време на „неколкучасовните“ разговори.