Атанасова: ГЕРБ нема да поддржи влада предложена од „Продолжуваме со промената“

претседателка на пратеничката група на ГЕРБ-УДФ Десислава Атанасова

ГЕРБ нема да ја поддржи коалициска влада на Бугарија предложена од Продолжуваме со промената, изјави за БНР претседателка на пратеничката група на ГЕРБ-УДФ Десислава Атанасова.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, Атанасова истакна дека во моментов нејзината партија не знае ништо за идниот состав на владата, која ќе го предложи победникот на парламентарните избори во Бугарија, „Продолжуваме со промената“.

Нејзината изјава следува откако вчера пратеникот од ГЕРБ, Радомир Чолаков изјави дека партијата би можела да ја поддржи кандидатурата на Кирил Петков од „Продолжуваме со промената“ за нов премиер на Бугарија.

Според Атанасова, тоа е коалиција на лево либерални партии, а ГЕРБ е десничарска партија, која со години се држи до својата идеолошка ориентација.