Случај „Плацеви на Водно“- Јанакиески сведочеше за улогата на Груевски

Архивска фотографија- поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески на судење

Никола Груевски, обвинет во случајот „Плацеви на Водно”, од позиција на претседател на Комитетот за градежна експанзија лично се интересирал за неколку земјишта во делот на Парк Шума Водно. Ова во денешниот исказ како сведок го кажа Миле Јанакиевски, кој во 2012 година беше на функцијата министер за транспорт и врски и посочи дека за земјиштето во местото Шербетница и земјиштето над локацијата на Католичката црква, разбрал од кога во рамките на комитетот ја посетиле општина Центар.

„Со Никола Груевски и Комитетот за градежна експанзија се состанавме еднаш неделно, меѓудругото разговаравме и за земјиштата во Парк шумата Водно. Големината на парцелата беше 11.000 квадратни метри. Прашуваше за урбанизација. Му објаснував од законски аспекти како се урбанизира едно земјиште, дека на 10 години се носи Генерален урбанистички план. Тој беше на чело на Комитетот, зборевме за илјадници локации“, рече сведокот Јанакиевски и наведе дека освен за локациите на Водно, во една прилика го има прашано и за земјите во Крушево.

Судењето за предметот „Плацеви на Водно” е во фаза на доказна постапка, односно сослушување на сведоци предложени од обвинителството.
Овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е обвинителката Лиле Стефанова. Според обвинението, Никола Груевски е обвинет за делата „перење пари и за противправно стекнување и прикривање на имот”, неговиот кум Ристо Новачевски, бизнисмените Ненад Јосифовиќ, Јордан (Орце) Камчев и Ратка Куновска Камчева се товарат за „перење пари”, а поранешениот директор на УБК, Сашо Мијалков, е обвинет за „помагање при кривично дело перење пари и други приноси од казниво дело”.