Британскиот премиер именуваше специјален пратеник за Западен Балкан

Сер Стјјуарт Пич

Сер Стјуарт Пич е именуван од британскиот премиер Борис Џонсон за специјален пратеник за Западен Балкан. Пич е висок воен офицер и поранешен началник на Генералштабот на вооружените сили, соопшти владата на Обединетото Кралство.

„Обединетото Кралство е длабоко посветено на европската сигурност. Западен Балкан ја доживува најголемата закана по својата безбедност во повеќе од две децении. Имаме одговорност да направиме сè што е во наша моќ да го зачуваме она што е постигнато со мир и дијалог. Не можеме да дозволиме да се врати насилство и поделбите од минатото. Искуството на Сер Стјуарт Пич е опсежно и стручно и со тоа ќе се зајакнат меѓународните напори за заштита на мирот и напредокот во евроатланската интеграција во овој клучен регион“, рече британскиот премиер Џонсон.

Пич е маршал на британските воздухопловни сили, а на почетокот на оваа година го заврши својот мандат како претседател на Воениот комитет на НАТО. Лондон досега немаше специјален пратеник за Западен Балкан.

Покрај ангажирањето во зајакнувањето на мирот и стабилноста на Западен Балкан, Пич ќе го промовира зајакнувањето на демократските институции и отворените општества, ќе помага во справување со организираниот криминал и другите заеднички безбедносни предизвици, како и да се справи со воените злосторства и исчезнатите лица.