ОН - На најранливите во светот ќе им треба помош од рекордни 41 милијарди долари

Авганистан

Обединетите нации апелираат да се обезбеди помош во износ од рекордни 41 милијарда долари за да може да им се помогне на најранливите. Во тоа група ОН сместува 183 милиони луѓе од 63 земји.

Во извештајот објавен на 2 декември за хуманитраните потреби за следната година, Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања предупреди дека повеќе од 24 милиони луѓе во Авганистан, што е 65 отсто од населението во земјата, ќе има потреба од помош за спасување на животите, меѓу нив се и и околу девет милиони луѓе кои се очекува да бидат на работ на глад.

Состојбата во Авганистан дополнително се влоши по преземањето на власта од страна на талибанците во август годинава. После тоа следуваа американските финансиски санкции и нагло повлекување на поголемиот дел од странската помош и развојната поддршка за земјата, што предизвика слободен пад на економијата и замрзнување на резервите на авганистанската централна банка во странство.

Како резултат на тоа, за следната година агенциите на ОН и нивните партнери бараат 4,5 милијарди долари за помош на најзагрозените луѓе во Авганистан. Тоа е тројно зголемување на помошта во споредба со барањето од пред една година.

Според извештајот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања меѓу оние кои имаат потреба од големи финансии за следната година се и Сирија, Јемен, Етиопија и Судан.

Се проценува дека на вкупно 274 милиони луѓе ширум светот ќе им биде потребна некаква итна помош, што е за 17 отсто повеќе во однос на потребите за годинава.

Потребните 41 милијарда долари помош за најранливите луѓе ширум светот се двојно повеќе од она што беше побарано пред само четири години.

Потребата од повеќе пари се должи на тоа што гладот останува „застрашувачка перспектива“ за 45 милиони луѓе кои живеат во 43 земји во услови на екстремни временски услови предизвикани од климатските промени.

Освен климатските промени, кои се на прво место, најранливите луѓе се погодени и од долготрајни конфликти, нестабилност, лишеност од вакцини во услови кога пандемијата продолжува, се наведува во извештајот на ОН.