Забрана за пластични кеси, од денеска достапни само кеси кои ќе чинат 15 денари

стапува на сила забраната за пластични кеси

Од денеска стапува на сила забраната за пластични кеси. За граѓаните ќе бидат достапни само биоразградливи кеси за кои ќе се наплатува надомест од 15 денари, средства што ќе бидат наменети за специјалниот фонд за животна средина. Според Министерството за животна средина и просторно планирање, граѓаните лесно ќе се адаптираат на промената, што е од големо значење за животната средина. „На долг рок оваа одлука ќе придонесе кон решавање на низа прашања во однос на животната средина, од причина што собраните средства ќе се користат за инвестирање во животната средина, бидејќи ќе одат на посебна сметка за таа намена. Тоа би значело инвестирање во иновативни, чисти технологии, во системот за управување со отпад, садови за селектирање, намалување на притисокот врз животната средина и слично“, наведуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Нови регулативи за отпад - невладините реагираат

Со Законот се забранува пуштање на пластични кеси за носење на стоки на пазарот во Република Северна Македонија, се забранува пуштање на пластично пакување за еднократна употреба во угостителските објекти на територијата на заштитените подрачја во земјата. Целта на овој Закон е да ги одврати корисниците од употреба на кеси за еднократна употреба и да ја стимулира употребата на торби за повеќекратна употреба, а засновано врз принципот „загадувачот плаќа“. Од Министерството наведуваат дека производителите на пластични кеси и понатаму можат да продолжат со работа, но со почитување на пропишаниот стандард за биоразградливост.