Полицијата трага по осомничени за тројното убиство во Косово

Членовите на семејствата и роднини се собраа во општата болница во градот Пеќ откако во петокот, 26.11.2021 година, тројца тинејџери беа застрелани во автобус во близина на селото Глоѓане.

Полицијата сѐ уште не уапсила ниту еден осомничен за тројното убиство кај селото Глоѓане во косовската општина Дечани.

Возач на автобус и двајца ученици загинаа на 26 ноември при пукање во автобусот кој превезуваше ученици на релација Ѓаковица-Дечани.

Заменик-командантот на косовската полиција Ветон Елшани за Радио Слободна Европа потврди дека сѐ уште нема апсења поврзани со убиствата.

Во пукотниците кон автобусот е повреден еден ученик. Тој е опериран и е надвор од животна опасност.

Косовската полиција соопшти дека постои сомневање дека кон автобусот било пукано од огнено оружје АК-47.

Главниот обвинител Блерим Исуфај за медиумите изјави дека истрагата е во тек, но дека сѐ уште нема осомничени.

Канцеларијата на главниот државен обвинител ги повика сите кои имаат сознанија за инцидентот да соработуваат со надлежните органи, за што побрзо сторителот да биде изведен пред лицето на правдата.

Косовската претседателка Вјоса Османи и премиерот Албин Курти го опишаа настанот како „шокантен“ и ги повикаа агенциите да го спроведуваат законот, да ги најдат сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата.

Косовскиот министер за внатрешни работи Џелал Свечља изјави дека поради настанот ја прекинал посетата на Албанија и дека од косовската полиција побарал „максимален ангажман и мобилизација“, за насилникот да биде уапсен што е можно поскоро.

Настанот го осудија и други претставници на институции и политички партии во Косово.