Бочварски: „Беса транс“ не побарала лиценца за опожарениот автобус

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на прес-конференција во Владата изјави дека опожарениот автобус од сообраќајната несреќа во Бугарија не поседувал извод од лиценца, а за превозот на патници користел неважечки извод кој се однесувал за друг автобус. Според Бочварски, превозникот „Беса транс“ поседувал лиценца за слободен превоз на патници во меѓународниот сообраќај, која му е одземена поради злоупотреба и лиценца за линиски превоз на патници во внатрешниот сообраќај. Тој додаде дека фирмата поседувала изводи од лиценци за четири автобуси за меѓународен сообраќај.

„Превозникот ниту го пријавил, ниту побарал од Министерството за транспорт и врски извод од лиценца за опожарениот автобус и поради тоа не е евидентиран во единствената база на податоци. Друга работа што е многу важна а со која се шпекулира во јавноста е начинот како превозникот Беса Транс ја минувал границата. Изводот од лиценца со број 22679 што се јавува во електронскиот систем на Царинската управа а кој бил користен за опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс“, потенцира Бочварски.

По барање на Обвинителството, Министерството за транспорт ја предало целосната документација за превозникот и во наредниот период ќе постапува според барањата и потребите на Обвинителството.

„Превозникот има право на жалба, но жалбата не го одлага решението што значи дека тој има обврска да ја депонира лиценцата и изводите од лиценци назад во Министерството“, додаде Бочварски.

Несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија се случи рано утрината на 23 ноември. Автобусот на туристичката агенција „Беса транс“ превезуваше патници од Северна Македонија. Загинаа 45 патници, а 7 беа повредени и префрлени во болница.