Османи: Утре почнува транспортот на повредените од Бугарија

Министерот Бујар Османи


Министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција во Владата изјави дека повредените во автобуската несреќа во Бугарија се во добра и стабилна здравствена состојба. Според него, првите двајца ќе бидат пуштени утре, други двајца задутре, уште двајца на 30 ноември и едно лице на 1 декември. Српскиот државјанин, како што наведе, ќе биде пренесен во Србија, а останатите во Скопје, во организација на Министерството за здравство.

Тој додаде дека повредените прво ќе бидат сместени во здравствени установи се додека не бидат пуштени на домашно лекување. За преносот на посмртните останки, акциски план ќе треба да изготви Работната група што ја формира Владата и на чие чело е токму Османи.

„Владата ги презема сите трошоци за транспортот и погребот на жртвите. Нашите очекувања се наредната недела, штом заврши идентификацијата, може да се очекува вторник или среда, со можност да се помести тој ден додека не се комплтеира идентификацијата. МНР ќе го организира транспортот на посмртните останки. Денеска имавме средба со повеќе компании кои ќе бидат ангажирани околу тоа, а наредните денови планираме средба и со семејствата за да ги испочитуваме нивните барања за предавање на телата“, подвлече Османи.

Тој додаде дека во наредните денови ќе информираат за точниот датум и за движењето на преносот на посмртните останки. Несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија се случи рано утрината на 23 ноември. Автобусот на туристичката агенција „Беса транс“ превезуваше патници од Северна Македонија. Загинаа 45 патници, а 7 беа повредени и префрлени во болница.