Поранешен претседател на Олимпискиот комитет на Бразил осуден на 30 години затвор

Илустрација

Поранешниот претседател на Олимпискиот комитет на Бразил Карлос Артур Нузман, кој беше на таа функција повеќе од две децении, е осуден на 30 години и 11 месеци затвор поради купување гласови во процесот на избор на Рио де Женеиро за домаќин на Олимписките игри во 2016 година. Пресудата беше објавена вчера. Нузман, кој беше на чело на Организациониот одбор за Игрите во Рио, е прогласен за виновен за корупција, злосторничко здружување, перење пари и затајување на данок.

Пресудата ќе стане правосилна по завршувањето на жалбената постапка, а 79-годишниот Нузман и неговиот адвокат не ја коментираа пресудата.
Затворски казни добија и поранешниот гувернер на Рио Серхио Кабрал, бизнисменот Артур Соареш и поранешниот генерален директор во Организациониот одбор за Олимпијадата во 2016, Леонард Гринер.

Истрагата утврди дека овие тројца и Нузман го координирале процесот на подмитување на поранешниот претседател на Меѓународната атлетска федерација Ламин Дијак и неговиот син Пепе Дијак, кои посредувале во купувањето на гласови.

Судијата соопшти дека резултатите од истрагата ќе бидат проследени и до властите во Сенегал и во Франција, каде што живеат Папа и Ламин Дијак.
Рио де Женеиро во трката за Олимписките игри ги победи Чикаго, Токио и Мадрид.

Истрагата во Бразил почна во 2017 година, откако францускиот весник Монд откри дека членови на Меѓународниот олимписки комитет биле подмитени три дена пред Собранието во Копенхаген во 2009 година, кога Рио беше избран за домаќин на Игрите.