Предан: Реално е да се подготви теренот за договор меѓу Скопје и Софија

Словенечкиот амбасадор во Скопје, Милан Предан.

Словенечкиот амбасадор Милан Предан чија земја претседава со ЕУ изјави дека остануваат оптимисти за решение на прашањето со Бугарија до крајот на годината. Според него, реално е да се очекува дека барем ќе се подготви теренот за да се дојде до договор, кој може да биде донесен во јануари. Предан смета дека сигналите од потенцијалниот нов премиер на Бугарија се охрабрувачки, бидејќи тој има порационален пристап, велејќи дека историјата не треба да биде главно прашање во билатералниот дијалог, туку само дел од него.

Но, како што наведува Предан, од друга страна реалноста е дека времето е кратко, само две-три недели до 14 декември кога ќе се одржи Самитот на ЕУ и кога би требало да биде донесена формална одлука за почеток на преговорите со Северна Македонија и Албанија.

„И ова е тесна временска рамка. Особено ако ја земеме предвид актуелната ситуација во двете земји- во Северна Македонија и во Бугарија. Но, се надеваме дека ситуацијата во земјава ќе се разјасни во наредните денови со цел да се види дали власта ќе има ново мнозинство во Парламентот и тоа ќе биде многу важно. Сега имаме премиер во оставка и важно е да имаме силна политичка влада со цел таа да може да носи тешки политички одлуки. И конечно, за да се дојде до решение со Софија ќе требаат големи политички одлуки. На другата страна имаме ситуација и во Бугарија. Добрата работа таму е што ќе се формира влада по третите парламентарни избори, таму се избра и претседател, но тешко е да се очекува дека тој самиот, без конститутиран Парламентот, ќе носи политички одлуки“, вели Предан во интервју за МИА.

Според него, во ЕУ нема консезус за вклучување на бугарските барања во преговарачката рамка и тоа не би требало да се случи. Тој додаде дека словенечкото претседателство работи на можни решенија што ќе бидат прифатливи за сите земји, вклучително и за Бугарија, но не може да каже детали. Предан посочува дека сега треба да се решат две прашања, првото е билатералното прашање и ја охрабрува Владата на земјава да дојде до некаков договор во врска со патоказот.

„Другото прашање е како да се излезе во пресрет на бугарските барања, со тоа што ЕУ на некој начин ќе го мониторира процесот на спроведувањето на билатералниот договор. Убеден сум дека ако се најде решение на билатерално ниво, ќе биде полесно да се најде решение за второто прашање“, вели Предан.

Предан додава дека за решавање на прашањето меѓу Скопје и Софија, политичката волја е суштинска.