Шеесет и девет проценти од заразените со ковид биле невакцинирани

Шеесет и девет проценти од заразените со ковид во последните три и пол месеци биле невакцинирани, објави Министерството за здравство.

Во период од 6 август до вчера во државата се потврдени 58.276 граѓани позитивни на ковид, од кои 17.896 или 31 отсто биле целосно вакцинирани, а 40.380 граѓани, односно 69 отсто од позитивните не биле вакцинирани.

Во посочениот период од ковид починале 1.986 пациенти. Од нив 79 отсто не биле вакцинирани, а 21 отсто, односно 415 примиле вакцина. Според анализите, починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање во земјата, се наведува во анализата.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани е голем. Од 468 моментно хоспитализирани пациенти, 91 се целосно вакцинирани, покажува анализата што денеска ја објави Министерството за здравство.

Од Министерството апелираат граѓаните да се вакцинираат за да се постигне колективен имунитет.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 213.779, бројот на оздравени пациенти е 197.998, на починати е 7.492, а бројот на активни случаи изнесува 8.289.