Нови 473 случаи на коронавирус, 18 починати

Илустрација

Во изминатото деноноќие се регистрирани 473 нови случаи на коронавирус, а 18 луѓе починале. Од нив, 14 починале во изминатите 24 часа, а четворица од 9 до 22 ноември, но биле пријавени денеска. Биле направени 2.708 тестирања, соопшти Министерството за здравство.

Повеќе од половина од новозаразените се во Скопје каде има 246 нови случаи, потоа следуваат Битола со 41, Кавадарци 23, Охрид 22, Куманово 21, Прилеп 18, Кочани 13, Велес 11, Струмица и Гевгелија по 9, Валандово 7, Берово 6, Штип 5, Кичево, Крива Паланка, Пробиштип и Македонска Каменица по 4, Тетово, Свети Николе, Кратово и Демир Хисар по 3, Гостивар, Струга, Неготино, Ресен и Богданци по 2, и во Радовиш, Делчево, Крушево и Македонски Брод по еден нов случај.

Регистрирани сe 505 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 213.779, бројот на оздравени пациенти е 197.998, на починати е 7.492, а бројот на активни случаи изнесува 8.289.