Достапни линкови

Скептични кон вакцини, но не и кон новите антиковид лекови


илустрација, новиот експериментален лек за лечење на ковид 19, молнупиравир

Иако во земјава се достапни вакцини против ковид 19, граѓаните кои не сакаат да се имунизираат, полесно прифаќаат да пијат нови лекови против болеста, отколку да стават вакцина. Во нашите аптеки засега се достапни лековите ивермектин и фавипиравир кои можат да се купат само со лекарски рецепт

Во земјава стагнира стапката на вакцинација, но граѓаните не се двоумат кога треба да си купат некој лек кој се користи за лекување на болни од ковид 19. Граѓаните во земјава можат да си купат од лековите фавипиравир(фавимол) и ивермектин. За разлика од првиот кој чини над 4200 денари, ивермектинот е достапен за само 300 денари и истиот доста се продава, велат фармацевтите. Овие лекови се издаваат само со рецепт од матичен или лекар специјалист.

За разлика од кај нас, во соседна Србија неодамна беа отпуштени од работа лекари кои на некои од своите пациенти им го препишале ивермектинот. Српскиот министер за здравство Златибор Лончар изјави дека овој лек не е според законот, и во Србија не е регистриран за човечка употреба, туку се користи во ветеринарната медицина и затоа не може да се користи и препорача на луѓето.

Во македонските аптеки пак овој лек е достапен од јануари годинава.

„Тој може да се употребува во домашно и болничко лекување и да се зема превентивно, исклучиво со лекарска препорака, доколку лице било во контакт со ковид-позитивен. Прелиминарните резултати од клиничките испитувања сугерираат дека „ивермектин“ има поволен ефект во профилакса на Ковид-19 кај експонирани лица, како и во терапија на пациенти со лесна, средно-тешка и тешка клиничка слика“, информираше тогаш Министерството за здравство.

И Светската здравствена организација препорачува ивермектинот да не се користи за лекување на ковид болни, туку само за клинички испитувања. Дека резултатите кои ги покажал овој лек во истражувањата во лабораторија се различни од ефектот што го покажал кај пациенти, објаснува и имунологот Александар Петличковски, подолу во текстот.

Но и покрај ваквите препораки македонските лекари се уште го препорачуваат овој лек.

Доктор Лидија Чолакова-Дервишова од Здружението на матични лекари вели дека се уште го препишува ивермектинот кај пациентите за кои смета дека треба да го примаат. Таа уверува дека лекот дава позитивни резултати, но потенцира дека истиот мора да се користи само според упатствата и препораките на лекарот.

„Јас имам позитивно искуство кај пациентите кај кои сум дала ивермектин. Ние добивме дозвола да го користиме лекот од Клиниката за пулмологија и алергологија. Но, не треба скришно да се набавува лекот и секој сам да биде доктор. Лекарот е тој кој кажува колкава доза од лекот треба да ја прими соодветниот пациент според соодветната тежина. Сите мои пациенти кои го пиеја лекот имаа добри резултати“, вели Чолакова-Дервишова.

Ивермектинот не е единствениот лек кој се користи за лекување на болните од ковид. Фармацевтските компании создаваат антивирусни лекови кои би требало да ја ублажат клиничката слика кај ковид болните и да ги заштитат од смртен исход. За таков се смета и лекот Молнупиравир на фармацевтскиот гигант Мерк, за кој минатиот месец и македонските здравствени власти соопштија дека ќе започнат преговори за негова набавка.

Лекот Молнупиравир е во форма на таблета и може да го примаат сите пациенти кои се позитивни на Ковид 19. Лекот се дава во првите пет дена од дијагностицирање на вирусот, а досегашните клинички испитувања покажуваат дека хоспитализацијата со овој лек е намалена за 50%.

Резултатите од студиите покажуваат дека лекот може да спречи смртен искод, како и потешки облици на болеста, а експертите сметаат дека можеби ова достигнување конечно ќе ја сузбие пандемијата.

„Во меѓувреме и Фајзер“ предвреме ги прекина тестирањата на својот експериментален лек против ковид-19, откако се покажало дека за 89% ги намалува шансите за хоспитализација и смрт кај лицата кај кои постои ризик да развијат сериозна форма на болеста. Новиот лек на „Фајзер“ се дава во комбинација со постар антивирусен лек „ритонавир“ и овој третман ќе биде ребрендиран во „паксловид“. Третманот се состои од три апчиња кои се земаат двапати дневно.

Во однос на оправданоста и безбедноста да се пијат ваквите недоволно испитани лекови, професорот Александар Петличковски од Институтот за имунологија и хумана генетика вели дека се потребни доволно клинички податоци кои ќе покажат дека еден лек е безбеден. Ризикот е голем кога на недоволно испитани податоци се оди со решение кое се промовира на интернет страници, а не се прифаќаат научните студии за вакцините кои се проверени и докажани, вели Петличковски.

„Она што треба да го следиме се рандомизирани клинички студии со голем број на испитаници. Во таква една студија овој последен антиретровирусен лек на Фајзер покажува дека доколку се прими во рана фаза на болеста, антиретровирусниот лек има добар процент на успешност и не дозволува комплицирање на болеста. Молнупиравир на сличен принцип функционира во рана фаза на болеста, веројатно во скоро време ќе излезат и други лекови, но клучно е да не се залетуваме во измислување на ефикасен лек за сите пациенти. Треба да се држиме до клиничките испитувања и така да ја проценуваме ефикасноста на постојните и потенцијално новите лекови“, објаснува Петличковски.

Во однос на ивермектинот, Петличковски потсетува дека на почетокот кога лекот се испитувал во лабораториски услови, истиот покажувал голема ефикасност, односно ја успорувал репликацијата на вирусот за 5000 пати, но во реални услови кога се работело со пациенти, лекот не ги дал истите резултати. Тој не ја исклучува можноста дека дел од тие студии се прават под притисок на фармацевтските компании и под влијание на бизнис интересите.

Инаку Институтот за јавно здравје(ИЈЗ) во својот неделен извештај наведува дека минатата недела се регистрирани 49 реинфекции со коронавирусот. Заклучно со 21 ноември вкупно се пријавени 870 реинфекции, што е 0,4 отсто од вкупниот број на досега заразени. Изминатата недела пријавени се 91 смртен случај, најмногу од возрасната група над 60 години.
Активни на ковид-19 се 8.290 лица, хоспитализирани се 495, од кои 330 се на кислородна поддршка и 14 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG