Околу 200 мигранти се обиделе да ја пробијат оградата на полско-белоруската граница

Границата меѓу Белорусија и Полска

Околу 200 мигранти се обиделе да ја пробијат оградата на полско-белоруската граница доцна на 24 ноември, соопшти полската гранична стража. Новиот инцидент се случил кај селото Черемча.

„Тие се обидуваа да ја пробијат границата. Тие фрлаа гранки и камења и обидот беше спречен од нашите службеници“, изјави денеска за медиумите портпаролката на Граничната стража Ана Михалска.

Таа рече дека мигрантите срамниле дел од оградата со трупци во обид да преминат преку неа, а петмина мигранти се испратени во болница поради исцрпеност.

Брисел ја обвини Белорусија дека се обидува да ја дестабилизира Унијата со тоа што донесе илјадници луѓе од Блискиот Исток на границите со земјите членки на ЕУ - Полска, Литванија и Латвија. Според ЕУ, Минск им се одмаздува за санкциите што Унијата ги воведе за режимот на Александар Лукашенко, поради неговиот однос кон неистомислениците и задушувањето на протестите по спорните избори лани во август.

Функционери од ЕУ соопштија дека Унијата подготвува петти пакет санкции против Белорусија за организирање, како што соопштија „хибриден напад“ против Унијата.

По ескалација на тензиите, белоруските власти минатата недела ги расчистија мигрантските кампови на границата и почнаа со враќање на мигранти назад од каде што дошле.

Белорускиот совет за безбедност денеска соопшти дека властите привеле повеќе од 11.500 илегални мигранти оваа година, а околу 5.000 биле депортирани од земјата.

Шефот на Советот за безбедност Александар Волфович за руската новинска агенција РИА изјави дека се уште не е спроведен авионскиот лет до Ирак планиран за денеска и дека на аеродромот чекаат околу 200 мигранти.