Руски лекари ги повикаа познатите „антивакцери“ да посетат ковид центар или мртовечница

Руските политичари и славни личности кои се противат на вакцинацијата против ковид нека ги посетата таканаречените црвени ковид зони во болниците и мртовечниците и нека видат какви сурови ефекти предизвикува болеста, повикаа денеска група лекари кои се на раководни места во големите руски болници.

„Противниците на вакцинацијата“ треба сами да видат колку лоша станала ситуацијата, се наведува во писмото на кое се потпишани главните лекари на водечките болници во Москва, Санкт Петербург, Самара, Сочи, Краснодар и Ханти-Мансијск, од кои многумина се членови на владејачката партија Единствена Русија.

Во последниве недели, Русија регистрираше рекорден број на смртни случаи како последица на ковид.

Само околу 37 отсто од речиси 146 милиони луѓе во Русија се целосно вакцинирани, иако земјата има сопствени вакцини против ковид.

Писмото од лекарите е упатено до неколку политичари и истакнати актери и музичари кои се противници на вакцинацијата.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков рече дека на писмото гледаат како на „позитивен“ потег. Претходно и рускиот претседател Владимир Путин ги замоли Русите да се вакцинираат.

Заклучно со 24 ноември, во Русија официјално се регистрирани 9.434.393 случаи на коронавирус, вклучително и 267.819 смртни случаи.