Тим од МВР ќе им помага на бугарските власти по автобуската несреќа

Местото на автобуската несреќа во Бугарија.

Тим на Министерството за внатрешни работи предводен од помошник директорот на униформирана полиција, а составен од претставници на Секторот за сообраќајната полиција и Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења веќе е на пат за Бугарија и стои на располагање за помош и поддршка на бугарските колеги, напиша денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на официјалниот Фејсбук профил.

Спасовски вели дека тимот од МВР е испратен откако тој телефонскиот разговарал со својот бугарски колега Бојко Рашков.

„Очекувам брза и сеопфатна реакција на надлежните служби. Нашите мисли и молитви се и со повредените. Од срце посакувам нивно брзо закрепнување и што поскоро враќање во нивните домови, напиша Спасовски.

Министерот изрази сочувство до семејствата на загинатите во автобуската сообраќајна несреќа што рано утрово се случи во Бугарија и во која загинаа 46 луѓе.