За четири месеци над 1200 инспекции и затворени 20 угостителски објекти за ковид протоколи

Затворени 20 угостителски објекти и извршени 1.280 инспекциски надзори има направено Државниот пазарен инспекторат, откако на средината на август почна да важи правилото за задолжително поседување на ковид сертификат за во угостителски објекти, изјави денеска на прес-конференција во Влада директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска - Димоска.

Угостителските објекти биле затворени бидејќи дел од гостите не поседувале сертификати, имало повеќе луѓе отколку што е дозволеното или, пак, за непочитување на протоколите за одржување дистанца.

Државен пазарен инспекторат (ДПИ)досега има изречено глоба кон правни лица во износ од шест милиони денари и над 1,5 милион денари глоба кон одговорните лица во правните лица.

Директорката на ДПИ прашана зошто никој не казнува за влез во објекти без сертификат или со лажни сертификати, Симеска Димоска, вели дека секаде каде што се затекнати лица без сертификати биле преземени мерки. Таа вели дека Државниот пазарен инспекторат нема единствена надлежност за постапување по ковид протоколите. Во однос на лажните сертификати, таа вели дека тоа е надлежност на МВР.

Кога ДПИ прави контрола во угостителскиот објект, доколку се потврди дека лицата немаат сертификат одговорноста е на угостителот, изјави Симеска Димоска.