Трета доза примиле речиси 60 илјади граѓани

Вакцинација против ковид-19 во Скопје

Заклучно со 17 ноември вкупно се вакцинирани 818.689 граѓани, ревакцинирани се 787.837, а трета доза примиле 59.735 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Во текот на вчерашниот ден аплицирани се вкупно 4.037 дози вакцини, од кои 1.581 се аплицирани како прва доза, 853 се ревакцинирани, а 1.603 граѓани примиле трета доза вакцина.

Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од популацијата во државата примила две дози вакцина.

Комисијата за спречување заразни болести вчера предложи нови мерки со кои сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок, потврда за прележан ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да примат вакцина поради ретки имунолошки состојби.

Владата треба да ги разгледа предложените мерки и да одлучи дали ќе ги прифати.