Македонското општество е ранливо кон странско влијание

Македонското општество е ранливо кон странско влијание покажува Индексот на ранливост изработен од Евро-атлантскиот совет на Северна Македонија во соработка со Глобесек од Словачка, а поддржани од Стејт департментот на САД. Според тој индекс земјава е оценета на скала од 0 до 100 со 40. Во ранг е со Бугарија која е оценета со 42, потоа Унгарија и Црна Гора кои се оценети со 44. Во полоша состојба е Србија која е оценета со 55 .

Индексот се изработува во 8 држави од Западен Балкан и Европа во пет области: јавни ставови, политички пејзаж, јавна администрација, информациски пејзаж и граѓански и академски простор, со посебен фокус на активностите на Русија и Кина.

„Северна Македонија може да се класифицира како најотпорна од анализираните земји од Западен Балкан. Сепак, македонското општество, го карактеризира поларизација во антагонистички политички кампови и останува ранливо“, се вели во оценката за Северна Македонија, на Индексот на ранливост.

Во делот на јавни ставови Северна Македонија е оценета со 49, каде најлошо оценета е Србија – 61, а најдобро Унгарија – 41.

„ Ентузијастичката поддршка на Северна Македонија за членство во ЕУ и НАТО може да биде пригушена од долготрајниот процес на пристапување во ЕУ“, се вели во извештајот за земјата во делот на јавните ставови.

Земјата во делот на политички пејсаж има оценка 25 при што е посочено дека политичкиот пејзаж е растргнат помеѓу силната евроатланска ориентација и профитабилните односи со Кина. Во делот на јавната администрација Северна Македонија е оценета со 42 при што во извештајот е наведено дека клучните недостатоци во македонската администрација се ограничен напредок на клучните реформи и високо ниво на политизација.

Во однос на медиумите Македонија сè уште е во пониските рангови на Индексот за слобода на медиумите Репортери без граници, слободата на медиумите постојано се подобрува од 2016 година, се вели во делот за информацискиот пејсаж во извештајот за земјата.