Нова експлозија на бомба во Кабул

Кабул.

Нова експлозија на бомба го погоди денеска главниот град на Авганистан, Кабул. Портпаролот на полицијата во Кабул, Мобин Кан, изјави дека бомбата била поставена покрај пат за време на утринскиот шпиц. Тој не даде повеќе детали за експлозијата.

Никој не ја презеде одговорност за нападот, но милитантите на локалниот огранок на организацијата Исламска држава извршија повеќе смртоносни бомбашки напади низ целата земја откако Талибанците ја презедоа власта во средината на август.

Очевидец вели дека има ранети во експлозијата, друг, пак, вели дека луѓе подигнувале жртви од местото на експлозијата, но не се знае дали се мртви или ранети.

Инцидентот се случува два дена откако експлодираше бомба во шиитски кварт во западен Кабул. Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава- Корасан (ИС-К), огранок на милитантната група Исламска држава. Во тој напад беше убиен авганистански новинар кој работел за телевизиската мрежа Ариана.