Излезноста на изборите во Косово 38 отсто

Втор круг од локалните избори во Косово

Околу 38 отсто од гласачите гласале на вториот круг од локалните избори во Косово, покажуваат податоците на Централната изборна комисија. Вториот круг на гласањето се одржуваше во 21 од вкупно 38 локални административни единици, на колку што е поделено државата. На првиот круг од изворите, кој се одржа на 17 октомври, беа избрани 17 градоначалници.

Право на глас во општините во кои имаше втор круг имаа вкупно 1.260.571 граѓанин, што е 66,85 отсто од запишаните гласачи на ниво на цело Косово, а се гласаше во 575 изборни центри со 1.638 избирачки места. Избирачките кон е надвор од Косово имаа две недели на располагање да го искористат своето право на глас за вториот круг на изборите.

Косовската полиција соопшти дека примила 21 пријава во врска со изборниот процес, а обвинителството реагирало во три случаи.

Во првиот круг, на 17 октомври, беа избрани членовите на општинските совети во сите општини, како и градоначалници во 17 од нив. Убедлива победа извојува партијата на косовските Срби, Српска Листа, која целата работа ја заврши во првиот круг. Оваа партија, која ја има отворената поддршка од официјален Белград и за која кај косовските Срби, меѓу другите, повикува да се гласа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, а е дел од владејачката коалиција во Владата на Косово, ги доби сите девет општини со мнозинско српско население.

Што се однесува до партиите на косовските Албанци, во четири општини победија кандидатите на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово (ПДК), а мандатот за да водат по две општини во наредните четири години во првиот круг го добија кандидатите од другите две парламентарни опозицски партии – Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК).

Владејачката Движење Самоопределување (ВВ), која на почетокот на годинава, со освоени околу 51 отсто од гласовите, убедливо победи на парламентарните избори, во првиот круг градоначалнички избори, за многумина изненадувачки, не успеа да победи во ниедна општина. Во вториот круг партијата на премиерот Албин Курти се натпреваруваше со 12 кандидати, ЛДК со девет, ПДК со осум, додека ААК со пет.

Вонпарламентарната Социјалдемократска иницијатива (Нисма) имаше еден кандидат во прегласувањето.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Втор круг од локалните избори во Косово


Поголеми општини во кои денеска се гласаше за нов градоначалник се престолнината Приштина, каде се соочија кандидатот на ВВ, доскорешниот министер за здравство Арбен Витиа, и оној на ЛДК, архитектот Прпарим Рама, потоа Призрен (дуел меѓу кандидатите на ВВ и ПДК), Ѓаковица (ВВ наспроти ААК) и Гњилане и Подујево (ВВ наспроти ЛДК).

За разлика од првиот круг, за кој кампањата траеше 30 дена, за прегласувањето партиите за претставување на нивните програми имаа на располагање само пет дена, од понеделник, 8 ноември, до петокот на полноќ, кога започна изборниот молк.

Според набљудувачите, и во овој, како и во првиот круг, кампањата помина во прилично демократска атмосфера, но има забелешки дека на партиските собири не се почитувале протоколите за заштита од ширењето на пандемијата на ковид-19.

За денешното прегласување во Централната изборна комисија на Косово беа акредитирани 10.510 набљудувачи, од кои 9.287 од политичките партии, 577 од домашните и 30 од странски медиуми, 50 од дипломатските мисии, 319 од домашните и 178 од срански невладини организации и 69 од институцијата Народен правобранител. Од ЦИК информираа дека за вториот круг не се пријавил ниеден заинтересиран набљудувач од соседните држави.

Овие се четврти локални избори во Косово од прогласувањето на независноста на државата на 17 февруари 2008 година.