На гласањето во Дебар поголема излезност од првиот круг

Гласање на локланите избори во Дебар.

Во Дебар заврши гласањето во вториот круг од локалните избори. Се гласаше за кандидатот на ДУИ Хекуран Дука и кандидатот на Алијанса за Албанците и Алтернатива Беким Поцеста и двајцата лекари специјалисти, кои во првиот круг не успеаја да добијат потребен број на гласови.

Претседателот на Општинската изборна комисија Рилинд Хаса за Радио Слободна Европа изјави дека до 19 часот кога заврши гласањето гласале вкупно 8.529 лица или 43 отсто од вкупниот број на избирачи кој изнесува 19.211 .

Во споредба со првиот круг има зголемување на бројот на избирачи кои излегле на гласање и тоа за над 400, бидејќи во првиот круг гласале вкупно 8.090 избирачи или 42 отсто.

Претставници на изборните штабови соопштија дека има и приговори во некои од вкупно 27 – те изборни места, но претседателот на ОИК Рилинд Хаса нагласи дека за нив ќе даде информации ДИК.

Меѓу оние кои гласаа денеска беа и одреден број на дебарчани со прав на глас кои живеат во САД, земјите на ЕУ особено во Италија и Швајцарија, но и од Косово.