Мигранти ја пробиле оградата на границата со Полска

Мигранти на границата меѓу Полска и Белорусија

Група од околу 50 мигранти ја пробиле оградата на границата со Белорусија и влегле во Полска, соопшти денеска полската полиција.
„Вчера пред 17 часот, околу 50 луѓе упаднаа во Полска во близина на селото Стажина“, соопшти полската полиција на Твитер.

Од полицијата додаваат дека се уапсени 22 државјани на Ирак.
Полицијата соопшти дека на 13 ноември вечерта, во текот на одвоени обиди да се премине границата, биле нападнати полицајци, при што на еден му бил оштетен шлемот откако бил нападнат со камења.

Граничната стража на Полска соопшти дека на 13 ноември имало 223 обиди за нелегален премин на границата.

Ситуацијата на границата меѓу Полска и Белорусија е напната, откако на 8 ноември мигранти се обидоа да ја урнат жичаната ограда што Полска ја постави на границата. Во меѓувреме Полска го затвори и граничниот премин во близина на местата каде мигрантите кои се во Белорусија се обидуваат да влезат на територија на земја членка на ЕУ.

Беглаци, главно од Ирак и Авганистан, се наоѓаат на границите на Белорусија со Полска и со Литванија, и двете членки на ЕУ.

Западните земји го обвинуваат авторитарниот белоруски лидер Александар Лукашенко дека го оркестрира доаѓањето на мигрантите на границата со Полска, како одговор на санкциите што ЕУ ги воведе кон Белорусија заради третманот на неистомислениците.

Белорусија демантира дека ја предизвикува кризата, но вели дека не може да го реши ова прашање доколку ЕУ не ги укине санкциите.