Алтернатива во дилема, носење на буџетот и брзи избори или за зголемување на мнозинството

Пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи

Пратеникот Скедер Реџепи од Алтернатива изјави дека од денеска претстојат два големи предизвика – едниот е сите политички чинители да седнат и консензуално да го донесат буџетот за следната година, па да одат на брзи парламентарни избори, а вториот да се прошири мнозинството. Реџепи најави дека партиските тела на Алтернатива деновиве ќе одлучат кои од двете опции е поважна за државата и граѓаните, ставајќи ги во прв план нив, а потоа партиските интереси.

„Вчера не знам што се случи иако требаше да падне власта. Се случи нешто што можеби демократски е неочекувано, но настаните беа такви какви што беа, и денешниот ден државата го почна со една тешка политичка криза во која што не очекуваат уште потешки времиња особено месецов што доаѓа, со тоа што доаѓаме пред два големи предизвика“ изјави Реџепи.

Според пратеникот на Алтернатива, пред партијата да донесе каква било одлука ќе се разгледаат многу фактори, но меѓу најважните, како што рече, бездруго е меѓународниот фактор, но има и внатрешни фактори со кои треба да се координираат. За да има условно кажано брзи избори, опозицијата, според него, треба да помогне буџетот да помине, со консензуален договор.

Пратеникот Реџепи не знае каде е или каде бил неговиот колега од Беса Кастриот Реџепи, но смета дека за тоа што се случи вчера некој мора да сноси одговорност, или Реџепи или власта.

Брзи предвремени парламентарни избори бара ВМРО-ДПМНЕ откако пропадна иницијативата на опозициската партија за уривање на Владата. Но, за СДСМ избори не се опција и оттаму најавија разговори за обезбедување на парламентарно мнозинство.

ВМРО-ДПМНЕ заедно со пратениците од Беса, Алијанса за Албанците, Алтернатива и Левица не успеа да обезбеди мнозинство од 61 пратеник за да се гласа за доверба на Владата во Собранието. На закажаната седница не дојде пратеникот од Беса, Кастриот Реџепи поради што опозицијата немаше кворум за нејзино одржување.