Над 70 отсто од заразените и 80 проценти од починатите од ковид не биле вакцинирани

Пункт за вакцинација против ковид во Скопје.

Дваесет и девет проценти од луѓето кои се заразиле со ковид во изминатите три месеци биле вакцинирани покажува статистиката на Министерството за здравство. Податоците се однесуваат на периодот од 6 август заклучно со 11 ноември. За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.

Во посочениот период во земјава со ковид се заразиле 52.436 граѓани, од кои 15.456 лица, односно 29 отсто биле целосно вакцинирани. Останатите 36.980, граѓани, односно 71 отсто од заразените со ковид во тој период не биле вакцинирани.

Анализата за тој период покажува дека починале 1788 пациенти од ковид, од кои 80 отсто биле невакцинирани, додека 20 отсто имале примено вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас.

Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат.