Струја и политика

САД / КИНА - Двата најголеми загадувачи со јаглерод во светот - Кина и Соединетите Американски Држави соопштија дека се согласиле да ги удвојат напорите за борба против климатските промени.

МАКЕДОНИЈА - Цената на струјата секако ќе расте, истакна директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница, Јанез Копач по средбата во Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и препорача земјава повеќе да инвестира во обновливите извори на енергија и во зголемувањето на енергетската ефикасност. На средбата, како што информира претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, разговарале за случувањата во електроенергетскиот сектор и го информирале Копач за последните случувања на пазарот на електрична енергија и мерките што се преземени од останатите државни органи.

МАКЕДОНИЈА - Пратеникот од Беса Кастриот Реџепи, кој денеска не се појави на седницата на Собранието за гласање на доверба на Владата и поради тоа опозицијата немаше кворум, во видео објавено на неговиот профил на социјалната мрежа Фејбук рече дека е здрав и е добро, наведувајќи се гледаме наскоро. Претходно од БЕСА изјавуваа дека се сомневаат дека Реџепи е присилен да не доаѓа на седница.

ЦРНА ГОРА - Соединетите Американски Држави стојат покрај сите оние кои поддржуваат суверена, инклузивна и граѓанска Црна Гора, соопшти американската амбасада во Подгорица по средбата на американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар и премиерот Здравко Кривокапиќ.

ЈУЖНОАФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА - Фредерик Вилем де Клерк, поранешен претседател на Јужноафриканската Република, почина од рак на 85-годишна возраст. Болеста му била дијагностицирана на почетокот на годинава. Тој беше контроверзен политичар - африканците го обвинуваа за угнетување, а белците во Јужна Африка за предавство. Тој го ослободи од затвор Нелсон Мандела со кого ја поделија Нобеловата награда за мир.

ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Нафтали Бенет и неговите соработници денеска се скрија во воен бункер за време на вежбата за симулација на избивање зараза предизвикана од нова смртоносна варијанта на коронавирус.

ВЕЛИКА БРИТАНИЈА - Британскиот премиер Борис Џонсон ги повика светските лидери да им укажат на своите преговарачки тимови на климатската конференција на ОН да постигнат амбициозен договор за ограничување на глобалното затоплување.

ЧЕШКА - Чешката влада денеска се согласи да поднесе оставка, изјави премиерот Андреј Бабиш, ветувајќи дека неговата влада во заминување ќе продолжи со напорите за скротување на пандемијата на ковид-19. Бабиш рече дека понудата за оставка ја испратил во писмо до претседателот Милош Земан, кој е хоспитализиран од 10 октомври, наместо лично да ја достави како што е вообичаена практика.

ПОЛСКА / ЕСТОНИЈА / ФРАНЦИЈА / ИРСКА - Естонија, Франција и Ирска планираат да го покренат прашањето за состојба со мигрантите на границата меѓу Белорусија и Полска. Седницата е предвидено да се одржи зад затворени врати. Стотици мигранти се во близина на границата меѓу Белорусија и Полска додека полските граничари се обидуваат да им го блокираат пристапот до земја членка на Европската унија. Полските власти соопштија дека привеле десетици лица кои насилно се обиделе да ја преминат источната граница со Белорусија.