Меркел и Путин разговараа за кризата со мигрантите на полско-белоруската граница

Архивска фотографија. Германската канцеларка Ангела Меркел и рускиот лидер Владимир Путин.

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска му телефонираше на рускиот претседател Владимир Путин и побара од него да го искористи своето влијание врз белорускиот лидер Александар Лукашенко, за да се стави крај на кризата со мигрантите на границата со Полска.

Меркел му рекла на Путин дека „инструментализацијата на мигрантите од страна на белорускиот режим е нехумана и неприфатлива“, објави на Твитер нејзиниот портпарол Штефен Зајберт. Таа побарала од Путин да „влијае“ на ситуацијата.

Кремљ издаде посебно соопштение во кое го цитира Путин како вели дека ЕУ за ова прашање треба да вклучи „директен контакт“ со Минск.

Стотици мигранти се наоѓаат надвор на студ во близина на границата меѓу Белорусија и Полска, додека полските граничари се обидуваат да им го блокираат пристапот до земјата членка на Европската унија.

Полското радио „РМФ“ денеска објави дека речиси 200 луѓе претходниот ден се обиделе да ја преминат границата, а дека по полноќ друга група од околу 60 луѓе се обидела да го направи истото.

Полските власти соопштија дека привеле десетици лица кои насилно се обиделе да ја преминат источната граница со Белорусија. Официјални лица од одбраната ја обвинија белоруската полиција дека пукала во воздух, во наводен обид да ги исплаши мигрантите и на тој начин да ги турне кон границата.

Граничната криза стана итна кога владите на Полска и Литванија прогласија вонредна состојба, а лидерите на ЕУ го обвинија раководството на Белорусија дека доведува мигранти во земјата и намерно ги турка до границата.

Приливот на мигранти во Белорусија се зголемува веќе неколку месеци со илјадници луѓе кои доаѓаат од Блискиот Исток, Јужна Азија и Африка и се обидуваат илегално да влезат во Полска, но и во другите две земји-членки на ЕУ, Латвија и Литванија.

ЕУ го обвини Лукашенко дека внесува мигранти и ги насочува кон границите на блокот за да му возврати на Брисел за санкциите воведени по минатогодишните спорни претседателски избори.