Илјадници мигранти на границата меѓу Полска и Белорусија

илустрација, мигранти на границата меѓу Полска и Белорусија

Полска и соседна Литванија соопштија дека ги зајакнуваат мерките за безбедност на границите со Белорусија, откако Варшава соопшти дека илјадници мигранти се собираат во близина на границата, а видеата на социјалните мрежи покажуваат стотици како одат кон полската граница.

Портпаролот на полската влада Пјотр Мулер им изјави на новинарите дека во моментов има околу три до четири илјади мигранти во близина на белоруската граница со Полска и дека уште илјадници се подготвени да ги следат.

„Во цела Белорусија има повеќе од 10.000 луѓе кои се подготвени да ја преминат полската граница“, рече Мулер.

Во последниве месеци, илјадници мигранти од Блискиот Исток, Јужна Азија и Африка се обидоа да влезат во Полска и другите земји-членки на Европската унија (ЕУ), Летонија и Литванија од Белорусија.

ЕУ го обвини белорускиот лидер Александар Лукашенко, кој го негира ова, дека организирал бран мигранти, главно од Блискиот Исток, како одговор на санкциите на ЕУ кон Белорусија поради репресијата на опозициските демонстранти, граѓанското општество и независните медиуми од минатогодишните спорни претседателски избори.

Полското Министерство за одбрана денеска објави видео на кое се гледа група мигранти во близина на граничниот премин Бружи-Кузница.