Белата куќа уверена дека судовите ќе поддржат задолжителна вакцинација

Претседателот Џо Бајден прима вакцина против ковид 19

Белата куќа соопшти дека верува оти американските судови на крајот ќе го поддржат указот на претседателот Џо Бајден за задолжителна вакцинација во компаниите со повеќе од 100 вработени. Инаку оваа одлука веќе ја стопираше конзервативниот федерален апелационен суд.

Шефот на кабинетот на Белата куќа, Рон Клајн, за NBC изјави дека е „убеден дека, на крајот, судовите ќе одлучат во корист на уредбата за задолжителна вакцинација“.

Указот на Бајден се однесува на 84 милиони луѓе во приватниот сектор и стапува на сила на 4 јануари.

Претходно беше донесена одлука за задолжителна вакцинација на вработените во државните институции до 22 ноември, што е околу 4 милиони луѓе. И на вработените во приватните компании им се остава можност често да се тестираат, додека вработените во јавниот сектор ја немаат таа опција.