Ескобар: Отворена е можноста да се повлечат одлуките што ги донесе Додик

Заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави , Габриел Ескобар

Средбата со Додик беше продуктивна. Има можност да се повлечат одлуките што ги донесе, но и ги најави, а кои се однесуваат на трансфер на надлежностите за да можe да продолжат разговорите за економски развој.

Ова денеска го соопшти заменик-помошникот државен секретар на Соединетите Американски Држави (САД) и специјален пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, пред новинарите во Сараево.

Во текот на денот, Ескобар разговараше на одвоени состаноци со Жељко Комшиќ, претседател на Претседателството на Босна и Херцеговина (БиХ), и членовите на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ и Милорад Додик. Ескобар, исто така, се состана со членовите на колегиумот на Претставничкиот дом и Домот на народите на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина (БиХ).

„Сите се согласуваме дека нема да има војна и мислам дека тоа е најважната порака што ја имаме. Тоа не е порака што ќе ја слушнете само од тие лидери со кои се сретнав денеска, тоа е порака што ќе ја слушнете и од лидерите од регионот“, рече Ескобар.

Тој, исто така додаде дека е „целосно убеден дека Европа ќе разбере“, во разумен временски период, дека БиХ треба да биде дел од Европската Унија.

„Се разбира, разговарав со моите соговорници за сите овие теми, но исто така е многу важно да се нагласи дека она што мораме да го обезбедиме е БиХ да остане обединета, суверена, со територијален интегритет“, посочи Ескобар.

По разговорите со Ескобар, претседавачот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ рече дека „ништо во врска со промените на границите дефинирани во Дејтон нема да биде прифатливо за САД“.

Членот на Претседателството на БиХ, Шефик Џаферовиќ по средбата со Ескобар порача дека треба да се финализираат граничните договори на БиХ со Србија и Хрватска. Од трите земји со кои граничи, Босна и Хрватска, Босна и Херцеговина не успеа да го реши граничното прашање.

Договорот за државната граница меѓу БиХ и Хрватска е потпишан пред 22 години, но не е ратификуван, додека преговорите за договор со Србија се уште траат.

Од друга страна, членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик, по разговорите со Ескобар изјави дека ентитетот „Република Српска ќе продолжи да ги пренесува надлежностите од државата на ентитетот“.

Според Уставот на Босна и Херцеговина (БиХ), ентитетите на Република Српска и на Федерацијата БиХ не можат самостојно да ги вратат надлежностите кои и беа пренесени на државата во претходниот период.