Расте бројот на ковид случаи во регионот, Словенија и Грција воведоа нови мерки

Тестирање за ковид

Вкупно 7.217 активни случаи на ковид-19 има во државата, откако вчера беа регистрирани 601 нов случај на заболени. Поради зголемениот број новозаразени, во некои од државите во регионот веќе се најавени одредени рестрикции, а во Србија е пристигнат делта плус сојот, за кој се вели дека претставува многу позаразна форма на вирусот.

Согласно последниот извештај на Министерството за здравство вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 205.623.Оздравени се вкупно 190.570 пациенти, а починале 7.217 лица. Бројот на активни случаи изнесува 7.836.

Во регионот се влошува состојбата со ковид-19. Словенечката влада, во обид да го ограничи брзиот раст на епидемијата, усвои голем број нови рестриктивни мерки, но не се одлучи за заклучување, како што препорачаа некои експерти од здравството, чии капацитети за пациентите со ковид-19 се на работ на издржливост. Новите мерки стапуваат во сила од понеделник, а меѓудругото опфаќаат скратување на работата на кафеаната и забрана за собирање луѓе кои не се членови на исто домаќинство.

За секој посетител потребно е да се обезбедат најмалку 10 квадратни метри простор, во продавниците на влезот треба да се означи колку луѓе можат да бидат истовремено внатре, платнените маски повеќе не можат да се користат, туку мора да бидат хируршки или тип FFP2, соопшти владата по седницата, која траеше до доцна во ноќта.

И во Грција стапија во сила новите мерки. Ковид документот, односно сертификат за вакцинираните, потврда за прележаните и негативен рапид тест за невакцинираните, заедно со документ за лична идентификација, станува задолжителен за влез во речиси сите затворени простори во Грција, со исклучок на маркетите и продавниците за храна, аптеките, бензинските пумпи и црквите. Конкретните мерки за задолжителен Ковид документ важат за полнолетните граѓани, а децата од 4 до 17 години може да покажат изјава за направен селф тест, односно негативен резултат од тестот за домашна употреба.

Сите невакцинирани вработени во јавниот и приватниот сектор задолжително, без разлика на нивната работна позиција, како и на вработените во религиозните објекти задолжително ќе треба да се тестираат со два пати седмично, наместо еднаш како што беше досега.