Ирачкиот премиер не е повреден во нападот со дрон

Премиерот на Ирак Мустафа ал-Кадими се обрати до нацијата по неуспешниот обид за атентат со дрон

Премиерот на Ирак Мустафа ал-Кадими денеска преживеа напад со дрон додека беше во неговата резиденција. Нападот се случува во време на зголемени тензии во земјата поради одбивањето на милицијата поддржана од Иран да ги признае резултатите од парламентарните избори што се одржаа минатиот месец.

Резиденцијата во Багдад, која се наоѓа во високо обезбедената Зелена зона беше цел на ракетен напад рано на седми ноември, соопшти кабинетот на премиерот. Кадими не е повреден во нападот, кој во соопштението се нарекува, неуспешен обид за атентат со дрон. Владата не дава повеќе детали, а засега никој не ја презема одговорноста.

Кадими на социјалната мрежа Твитер повика на смиреност и воздржаност на сите за доброто на Ирак, а подоцна за ирачката телевизија кажа дека „кукавичките напади со ракети и дронови не ја градат татковината и не ја градат иднината“ .

Соединетите Американски Држави го осудија нападот. Портпаролот на Стејт Департментот „очигледниот чин на тероризам“ бил „насочен кон срцето на ирачката држава“.

Неколку стотици поддржувачи на проиранските фракции протестираат во близина на влезот на Зелената зона поради резултатите од парламентарните избори што се одржаа на 10 октомври. Тие не ги прифаќаат резултатите кои покажуваат голема загуба во нивните гласови.