Иран ги зголемил резервите на збогатен ураниум

Иран соопшти дека ги зголемил резервите од 60 отсто збогатен ураниум и сега изнесуваат 25 килограми, што е речиси четирикратно зголемување од нивото објавено во јуни, додека Техеран се подготвува за преговори подоцна овој месец со светските сили за зачувување на договорот од 2015 година со цел да се ограничи неговата нуклеарна програма.

„Досега произведовме 25 килограми ураниум од 60 отсто, што, освен земјите со нуклеарно оружје, ниту една друга земја не може да го произведе“, ја цитираа иранските медиуми изјавата на Бехруз Камалванди, портпарол на Организацијата за атомска енергија на Иран.

Камалванди додаде дека залихите на Иран од 20 отсто збогатен ураниум достигнале над 210 килограми, што е многу повеќе од целта од 120 килограми што ја постави парламентот.

Најавата потенцијално ги комплицира напорите за заживување на историскиот договор од 2015 година меѓу Иран и светските сили. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот во 2018 година, но Велика Британија, Франција, Германија, Кина и Русија се обидоа да го зачуваат договорот.

Актуелниот претседател на САД, Џо Бајден изјави дека е подготвен повторно да се приклучи на договорот доколку Иран се врати на целосно усогласување, но, индиректните преговори меѓу Техеран и светските сили што започнаа во април во Виена беа ставени на мирување во јуни откако исламската република го избра тврдокорниот Ибрахим Раиси за претседател.

Со нуклеарниот договор се воведоа ограничувања на меѓународните санкции во замена за ограничување на иранската нуклеарна програма. Со договорот се ограничува чистотата до која Техеран може да рафинира ураниум на 3,67 отсто, доволно за цивилна нуклеарна енергија и далеку под 90 отсто чистота потребни за атомско оружје.

Иран негираше дека целта на земјата е производство на нуклеарно оружје и рече дека неговите прекршувања се реверзибилни доколку Вашингтон ги укине санкциите и повторно се приклучи на договорот.