Од јануари задолжителна вакцина или тест за ковид во компаниите во САД

Илустративна фотографија.

Претседателот на САД Џо Бајден ќе воведе задолжителна вакцинација против Ковид-19 во компаниите, а оние кои не сакаат да се вакцинираат ќе мора да се тестираат еднаш неделно. Одлуката стапува на сила на 4 јануари 2022 година, соопштија денеска американските власти.

Според објавените правила, компаниите кои нема да ги почитуваат овие прописи ќе се соочат со казна од 14.000 долари по прекршок.

Со новата регулатива ќе бидат опфатени околу 84 милиони работници во средните и големите компании. Уште 18,5 милиони работници кај приватните работодавци се ослободени од мерката, бидејќи работат од далечина или постојано се надвор, објави американската Администрација за безбедност и здравје при работа (ОСХА).

Построги правила ќе важат за околу 17 милиони вработени во здравствените установи и домовите за стари лица, во државните програми „Медикер“ и „Медикеид“. Тие нема да имаат можност за тестирање еднаш неделно, туку ќе мора да се вакцинираат.

ОСХА проценува дека 31,7 милиони работници опфатени со мерките не се вакцинирани и дека 60 отсто од работодавачите ќе бараат вакцинација, наспроти сегашните 25 отсто, што треба да резултира со вакцинација на уште 22,7 милиони вработени.

Заедно со извршната наредба на Бајден, која бара сите работници во федералните служби да бидат вакцинирани, административните правила за вакцините опфаќаат 100 милиони луѓе, околу две третини од американската работна сила, проценува Белата куќа.