Расте бројката на жртви од експлозиите во болница во Авганистан

Повредено лице од експлозијата во болницата во Кабул

Најмалку 19 лица загинаа, а десетици други се ранети во експлозии и неколку истрели од огнено оружје пред најголемата авганистанска воена болница во Кабул. Локалните медиуми објавија дека четворица од шесте напаѓачи биле убиени, а другите двајца биле уапсени.

Засега никој нема преземено одговорност за нападот. На фотографиите што ги споделија жителите се гледа облак чад над областа на воената болница „Сардар Мохамад Дауд Кан“ со 400 кревети.

„Бев на околу два метри од капијата на болницата кога одеднаш се слушна силна експлозија. Бевме погодени од бран, неколку минути подоцна нашите глави и лица беа извалкани со крв и парчиња месо. Кога влеговме во болницата, ситуацијата беше многу лоша. Талибанските чувари на болницата пукаа во воздух“, изјави д-р Шабир Ахмади од соседната детска болница Индира Ганди по телефон за сервисот на Радио Слободна Европа во земјата, Радио Азади.