ЕУ ја примила најавата за оставката на Заев

Премиерот Зоран Заев

ЕУ ја прими најавата за оставка на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев соопшти портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро.

„Важно е земјата да продолжи со спроведување на реформите поврзани со ЕУ“, порачува Писонеро во писмен одговор до медиумите.

Таа воедно ги повикува новите градоначалници и членови на општинските совети да придонесат во унапредување на реформската агенда на ЕУ во интерес на сите граѓани.

Премиерот Заев поднесе оставка од функцијата премиер и лидер на СДСМ, откако владејачката партија доживеа пораз на локалните избори. Осврнувајќи се на изборниот процес и повикувајќи се на извештајот на ОБСЕ/ОДИХР, Писонеро нагласи дека изборите се одржани во коректна атмосфера и со почитување на основните слободи и дека изборната администрација вложила напори да ги отстрани недостатоците во процедурата од првиот круг на гласањето.

„Меѓутоа негативната реторика и наводите за притисоци на гласачите и кандидатите продолжија да влијаат на изборите“, додаде таа.