ОДИХР – Во вториот круг имаше наводи за притисок врз гласачи и црна реторика

Тана де Зулуета, шефица на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР во Македонија

Негативната реторика и наводите за притисок врз гласачите и кандидатите продолжија да имаат негативно влијание на изборите, посочуваат прелиминарните наоди од набљудувачката мисија на ОДИХР за вториот круг од Локалните избори 2021.

Од ОДИХР оценуваат дека вториот круг од Локалните избори поминал во натпреварувачки дух и изборната администрација вложила напори да одговори на некои процедурални недостатоци од првиот круг.

Шефицата на Мисијата, Тана Де Зулуета, на денешната прес-конфернеција рече дека поради несоодветно постапување по приговорите била отежната ефективната употреба на правните лекови со што некои лица биле лишени од правото на глас.

„Додека од кандидатите во вториот круг се бараа финансиски извештаи тие не беа објавени пред гласањето. Од оваа причина, како и поради недоволните информации објавени во јавноста за отчетноста во врска со финансирањето во кампањата во првиот круг се намали транспарентноста, забележуваат од Мисијата на ОДИХР.

Во однос на известувањето на медиумите, набљудувачите од ОДИХР посочуваат дека радиодифузерите кои биле мониторирани обезбедиле доволно информации на гласачите за кандидатите, а вестите биле неутрални. Воедно се посочува дека најголемите парламентарни партии уживаат систематска предност во поглед на поделбата на јавните ресурси за водење кампањи и известувањето и рекламирањето во медиумите, со што се нагласува дека независните кандидати и кандидатите од помалите партии биле во значително незавидна положба.

„Може да се стори повеќе за изборите во Северна Македонија да бидат поинклузивни за независните кандидати, како и за оние што ги застапуваат помалите партии“, рече Де Зулуета, која посочи дека само шест од 88 кандидати за градоначалници во вториот круг биле жени.

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите во земјава која започна со работа на 7 септември во Скопје со тим од 16 експерти, вториот круг го следеше со 23 набљудувачи од 13 земји. Конечниот извештај со препораки за подобрување на изборниот процес ОДИХР ќе го објави вообичаено два месеца од изборите.