Вучиќ размислува дали да го одложи состанокот на Опен Балкан по случувањата во Скопје

Архивска фотографија, Скопје 29 јули 2021, Вучиќ, Заев и Рама

Премиерот во оставка Зоран Заев нема да присуствува на состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“, што на 3 и 4 ноември се одржува во Белград, пренесуваат српските медиуми. Заев по вториот круг од локалните избори си поднесе оставка, оти загуби на изборите од ВМРО-ДПМНЕ.

„Господинот Заев нема да дојде во Белград со оглед на политичката ситуација, пренесува „Политика“ изјава од Кабинетот на Заев, додавајќи дека „Северна Македонија ќе биде претставена на состанокот во Белград со друг политички претставник, кој ќе биде утврден денеска или утре“.

Првично беше планирано Заев и албанскиот премиер Еди Рама да ја посетат Србија на 3 и 4 ноември за состанокот на иницијативата „Отворен Балкан“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, според објавата на својот Фејсбук профил, размислува дали да го одложи состанокот, со оглед на случувањата во Скопје.

Иницијативата за регионална соработка „Опен Балкан“ ги опфаќа Србија, Македонија и Албанија. Името и е од јули годинава, а претходно беше иницијатива Мини Шенген.