Достапни линкови

Годишнина на „Малиот Шенген“, успеси и неуспеси


Српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Зоран Заев и албанскиот премиер Еди Рама

Годишнината од формирањето на регионалната иницијатива „Мал Шенген“, која оттогаш е преименувана во „Отворен Балкан“, се одбележа без присуство на тројца нејзини најголеми застапници - српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерите на Албанија и Северна Македонија, Еди Рама и Зоран Заев.

Иако првично беше објавено дека ќе учествуваат на лидерскиот панел во рамките на форумот „Западен Балкан, еден регион, еден пазар - чекор кон заедничкиот пазар на ЕУ“ во Нови Сад на 29 септември, тројцата лидери го откажаа своето присуство без објаснување.

Овој форум е во рамките на годишнината од формирањето на иницијативата „Мал Шенген“ за економска соработка на Балканот, чија прва средба се одржа во октомври 2019 година во Нови Сад, а која на крајот на јули 2021 година во Скопје беше преименувана во „Отворен Балкан“.

ФТ: Фрустрирани од ќор-сокакот на патот кон ЕУ, балканското трио формира мини-Шенген зона

Идејата за слободно движење на луѓе, стоки и капитал досега беше придружена со пофалби од меѓународната заедница, но и критики од опозицијата во Србија, Албанија и Северна Македонија, како и од околните земји.

Успеси на „Малиот Шенген“

Иницијаторите на „Малиот Шенген“ се повикуваат на моделот на Шенген-зоната, област која вклучува 26 европски земји кои официјално ги укинаа сите пасоши и сите други видови гранична контрола на нивните граници.

На состанокот во Скопје на 29 јули, Вучиќ, Рама и Заев постигнаа договор според кој граничните контроли меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија треба да се укинат од 1 јануари 2023 година.

„Ако ги надминеме слабостите на администрацијата, на 1 јануари 2023 година, нема да има граници меѓу нашите земји. Никој нема да ве спречи од Белград до Тирана “, рече Вучиќ по средбата во Скопје.

Од првото претставување на оваа идеја пред две години до денес, воведено е слободно движење на граѓани со лична карта помеѓу Србија, Северна Македонија и Албанија. Исто така, потпишан е договор за соработка во превенција и отстранување на последиците од природни непогоди.

На крајот на јули, тројцата лидери во Скопје потпишаа договори за соработка за олеснување на увозот, извозот и движењето на стоки во Западен Балкан, како и Меморандум за разбирање и соработка во врска со слободниот пристап до пазарот на трудот.

Планирано е постепено да се создаде заеднички пазар за 12 милиони луѓе, колку што имаат овие три земји заедно, односно да се создаде „единствена економска зона“. На состанокот во јули, премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, објави дека трите земји ќе ја прошират соработката „на многу други полиња од заеднички интерес“.

„Ние самостојно покажуваме политичко лидерство и грижа за подобрување на соработката, за што овој пат имаме конкретна акциона програма“, додаде Заев.

„Мал Шенген“ останува посветен на ЕУ и покрај неисполнетите ветувања

На презентацијата на иницијативата во октомври 2019 година, претседателот на Србија изјави дека „балканските народи мора да ја земат судбината во свои раце“. „Се надевам дека на никој во Европа нема да му пречи “, рече Вучиќ.

Се чини дека Брисел нема ништо против овој начин на регионално поврзување. Шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Сем Фабризи, во ноември лани изјави дека ЕУ ќе помогне во спроведувањето на потпишаните договори со максимална поддршка.

„Мислам дека создавањето на внатрешниот пазар ќе му помогне на регионот да влезе во ЕУ. Не би рекол дека ЕУ не е подготвена да го прифати тоа, што е дел од економскиот процес и економските реформи“, рече Фабризи за Српската радио-телевизија (РТС).

Неуспеси на иницијативата

Иницијаторите на „Малиот Шенген“ постојано споменуваат дека иницијативата е отворена за сите земји од таканаречената Балканска шесторка - Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово. Меѓутоа, во тие земји засега, не го делат ентузијазмот на Белград, Скопје и Тирана.


Косовската влада, предводена од премиерот Албин Курти, ја оценува оваа регионална идеја како иницијатива „без визија“. Затоа, не е изненадувачки што Курти не беше учесник на Економскиот форум за регионална соработка во Скопје, кога „Малиот Шенген“ официјално беше преименуван во „Отворен Балкан“.

На 15 јуни, како дел од дијалогот Косово-Србија, Курти предложи шесте земји од Западен Балкан да напредуваат кон ЦЕФТА (Централноевропската трговска спогодба) и СЕФТА (Договор за слободна трговија во Југоисточна Европа).

Со Вашингтонскиот договор, потпишан во септември 2020 година, Косово се обврза да и се приклучи на иницијативата „Мал Шенген“. Договорот го потпишаа тогашниот косовски премиер Авдулах Хоти и српскиот претседател Александар Вучиќ.

Заев-Курти: Согласни за ЕУ, ама не и за Отворен Балкан

Меѓутоа, актуелната влада на Косово на Албин Курти ги повикува земјите во регионот да останат посветени на агендата на Европската унија и да ги поттикнат трансатлантските односи.

Што не се спроведува?

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ учествуваше на неколку состаноци на регионалните лидери за да разговараат за „Малиот Шенген“, но постојано истакнуваше дека Црна Гора нема да учествува во иницијативи кои „и со навестувања“ би можеле да бидат замена за интеграцијата во ЕУ.

„Не сакаме да усвојуваме иницијативи што можат да бидат во спротивност со иницијативите за соработка што веќе ги потпишавме, што веќе ги спроведуваме и што отвораат одредени перспективи за добивање поддршка за спроведување на некои од нашите важни реформи“, рече Ѓукановиќ во декември 2019 година.

Албанскиот премиер Еди Рама по состанокот во Скопје годинава рече дека нема причина земјите од регионот да останат затворени „во своите граници“. „Она што ќе го правиме утре во ЕУ, ќе започнеме да го правиме денес и овде во регионот. Лидерите и народите од регионот одлучија да направат сѐ што е потребно и да не чекаат интеграцијата на регионот да зависи од Европската унија“, рече Рама.

Босна и Херцеговина, заедно со Црна Гора и Косово, се на маргините. Членот на тричленото претседателство на БиХ, Шефик Џаферовиќ во август 2021 година изјави дека имало „одредени политички пресврти“ во „Малиот Шенген“.

„Босна и Херцеговина нема да учествува во тоа. БиХ ќе инсистира на имплементација на она што беше потпишано од сите шест земји од Западен Балкан во Софија во рамките на нашиот пат кон ЕУ и под покровителство на Берлинскиот процес. Нема да прифатиме никаква регионална иницијатива што не е дел од нашиот пат кон ЕУ или што евентуално може да биде замена за нашиот пат кон ЕУ “, рече тој.

Лидерите на шесте земји од Западен Балкан, кои се стремат кон членство во Европската унија, како и претставници на ЕУ, се состанаа во мај 2018 година во главниот град на Бугарија и по тој повод беше усвоена Софиската декларација.

Стејт департмент: заедничкиот регионален пазар клучен за просперитетот на Балканот

Како главни приоритети се наведени зајакнувањето на поддршката за владеење на правото и доброто владеење, зајакнување на ангажманот во однос на безбедноста и миграцијата, поддршка за социо-економски развој и ставање посебен акцент на младите луѓе.

Документот, потпишан од официјални претставници од Србија, БиХ, Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Албанија, ги обврзува потписниците да работат на зајакнување на транспортната и енергетската поврзаност, дигиталната агенда за Западен Балкан и поддршка на помирувањето и добрососедските односи на Западен Балкан.

Европската унија, предводена од германската влада, го започна Берлинскиот процес во 2014 година со цел да ја промовира регионалната соработка и со тоа да го забрза приближувањето на шесте земји од Западен Балкан и ЕУ.

Процесот е замислен како серија состаноци меѓу премиерите, министрите, граѓанското општество и бизнис заедниците од Западен Балкан во областите на економска соработка, одржлив раст, билатерални односи и регионално помирување.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG