Германци го поддржуваат ограничувањето на брзината на автопатите од 130 километри на час

Илустрација

Значително мнозинство Германци го поддржуваат крајот на долгогодишната традиција на „слободно возење за слободни граѓани“ и поддржуваат општо ограничување на брзината на автопатот од 130 километри на час покажува истражувањето објавено денеска. Како што јавува германската агенција ДПА анкетата е спроведена од Дојчланд Тренд за потребите на националниот јавен радиодифузен сервис АРД.

Испитувањето покажува дека 60 отсто се за ограничување на брзините на автопатската мрежа без ограничување на брзината во земјата за да се заштити климата и да се намалат загадувачките емисии.

Бројката е зголемена за три процентни поени од слична анкета направена во јуни. Трите партии кои моментно се вклучени во коалициски разговори по изборите што се одржаа во септември во земјата, односно социјалдемократите (СПД), Зелените и Слободните демократи (ФДП) - јасно ставија до знаење дека нема да има општо ограничување на брзината ако успеат да се договорат.

Истражувањето покажува и дека зголемувањето на цените за да се намали потрошувачката на фосилни горива останува контроверзно прашање. Само 19 отсто од 1.239 анкетирани телефонски и онлајн ја поддржаа ваквата мерка, а само 14 отсто ги поддржаа повисоките цени на електричната енергија и гасот за домаќинствата.